ИНТЕРВЈУ – НИКОЛА ЃОРГИЕВ: Можеме до злато, главни ривали сме си ние самите

Откако одлучи да ја продолжи кариерата во Полска барајќи нов предизвик, македонскиот одбојкарски виртуоз Никола Ѓоргиев, во интервју за ЕКИПА, најави освојување на европскиот врв со репрезентацијата, а не заборави да ни ја опише двегодишната авантура во Јапонија, од каде се враќа како шампион, како и причините за враќањето на Стариот континент. 

================================================================

Еден од најтрофејните одбојкари во нашата историја, човекот кој ја води кон нови успеси нашата одбојкарска репрезентација, Никола Ѓоргиев е подготвен да ја освои Европа. Капитенот на Македонија заедно со останатите „спартанци“ го направија првиот чекор кон завршницата на Европската лига. Со максимални три победи на три средби во Скопје, Македонија овој викенд во Албанија е на добар пат да го потврди пласманот на нов фајналфор од Европската лига. Двократниот освојувач на сребрен медал во Европската лига, смета дека нашиот национален тим е на вистински пат кон успех за освојување на злато, но само доколку продолжи со напорната работа.

  • Македонската одбојкарска репрезентација е повторно на висина на задачата, предизвикот во првиот дел од Европската лига го одработивте перфектно. Дали и во колкава мера трите победи тука во Скопје најавуваат напад на златниот медал?

„Сигурно дека можеме да стигнеме до самиот крај. Затоа и сме тука, затоа сум и јас тука како капитен на овој состав. Трите убедливи победи во СРЦ „Кале“ се доказ дека сме на вистински пат, но работата не е целосно завршена, засега сме далеку од фајналфор и од златниот медал. Треба да се работи од ден за ден, од тренинг за тренинг, но и една од поважните работи е да не се потценува ниту еден противник. Во овој момент најмногу ме плаши да не се оттргнеме од патот на кој што сме, да не заборавиме на трите елементи за кои најмногу се залагавме, а тоа е дисциплина, работа и ред. Тие три работи ни ги подобрија шансите за убедливите победи претходниов викенд. Не смееме да потцениме ниту една репрезентација ниту пак да се однесуваме како фаворити. Доколку се опуштиме, ќе не победат и Азербејџан, и Албанија и Шведска. Така што мора ментално да бидеме подготвени, да го издржиме овој притисок. Заедно сме повеќе од еден месец, свесни сме дека имаме желба за победа, треба да останеме „гладни“ за тоа прво место. Како што напоменав прес-конференцијата: Пред две години го освоивме среброто, минатата година го изгубивме златниот медал. Така што оваа година сакам да го освоиме и да го израдуваме македонскиот народ. Не сакам да претерувам, но, по мое мислење се друго освен злато би било неуспех.

  • Секако дека ги познаваш противниците не само од нашата, туку и од другата група. На кого гледаш како најголем ривал?

„На самите себе. Сметам дека ние сме си најголеми противници. Доколку бидеме први во групата, во полуфиналето би играле со Данска. Тоа е потполно непроменета селекција во овие две години. Ја познаваме нивната игра, не верувам дека нешто се сменило во нивната тактика. Иако против нив имаме скор од пет победи во последните шест средби,  не е спорно дека се квалитетна репрезентација. Сепак мислам дека со нашата игра, со нашето искуство и играчи од наш калибар… јас, мојот брат, потоа Владо Милев, Ѓоко Јосифов, Александар Љафтов, кои имаа одлични интернационални сезони, треба да го понесеме товарот и да им помогнеме на младите да го достигнат шампионскиот трофеј.

  • Кога сме кај младите, гледаш ли потенцијал, кој може да ве наследи? Секоја година сведочиме на откажување на некои играчи, дали младите кои го завземаат местото успеваат да ја оправдаат довербата?

„Да, така е, некои играчи се откажуваат, но успесите се повторуваат и со младите „заменици“ кои доаѓаат на нивно место, што значи дека тоа е позитивна работа. Оваа година дефинитивно има квалитетен состав на млади играчи, меѓутоа проблемот со нив е што кога ќе завршат со репрезентативните обврски, немаат соодветни услови или клубови каде ќе продолжат со развивање. Сите тука тренираат напорно додека сме заедно, го достигнуваат својот максимум и на тренинг, и на натпревари. За жал, некои од нив немаат финансиска поддршка од клубовите за понатамошен развој, па мора да се посветат на други професии со цел да се дојде до заработка, а одбојката им останува како хоби. Така што, со евентуално освојување на Европската лига, се надевам дека нашата федерација ќе профитира од успехот, а средствата ќе ги употреби да се намалат сертификатите на играчите, за да можат да најдат клубови кои ќе им ги овозможат сите услови за индивидуален напредок.

collagemakodbojka

  • Делувавте одлично на тактички план. Што смени новиот селектор за овој краток период?

„Селекторот донесе нова тактика, и пред се’ дисциплина во тимот. Најголем проблем во нашата игра беше токму дисциплината, ми се допаѓа што го поправивме тој проблем. Токму затоа и ви реков дека ние сме си најголеми противници, најмогу се плашам од нас самите. Можевте да забележите во дуелот со Шведска, кога го загубивме првиот сет. Не делувавме како целина на теренот поради пад на концентрацијата. Балтиќ навистина се потруди да се подобриме во тој сегмент, поминавме долг пат да го оствариме тоа. Посебно сум импресиониран од неговото инсистирање да се усоврши тактиката. Резултатите против Албанија, Шведска и Азербејџан се доказ за голем напредок, но секако продолжуваме да ги корегираме сите негативни особини кои можат да влијаат на нашиот исход. Она што ме радува е дека овие два дена добро трениравме, играчите се „гладни“ за успех. Мислам дека селекторот е полн погодок, па доколку тој има желба, би сакал да остане на подолг период. Проблем е што моравме да смениме три селектори за три циклуси. Жарко Ристовски во Европска лига, Николај Жељасков квалификации за ЕП, а сега и Балтиќ во оваа сезона. Нема континуитет, за нас играчите тоа е многу тешко, да се приспособиме на системите и филозофиите на тренерите. Секој од нив има различен пристап на играта, а ние немаме доволно време да се адаптираме. Се надевам дека со Балтиќ ќе започнеме да градиме една нова ера, би сакал да продолжиме и да конкурираме во Светската лига под негово водство.

Во Јапонија ќе биде запаметен како најдобар, а од трите понуди на масата,

ја одбра Полска за нов предизвик

DBvZittXUAA9NCk

  • На клупски план имаше успешна сезона. Колку беше лесно, односно тешко да се напушти Јапонија, и кои беа другите понуди пред да се одлучиш за Варшава?

Во Јапонија поминав две феноменални години. Со сопругата бевме фасцинирани од третманот и гостопримстовото, меѓутоа ни недостасуваше Европа. Сакав да се вратам на Стариот контитент, посебно по освојување на титулата во јапонската лига и „Царскиот“ куп, каде без избран и за најкорисен играч. Никогаш нема да ги заборавам убавите мигови минати со луѓето кои ми помогнаа да ги остварам своите желби, но сметам дека се уште сум млад за да градам долга кариера во Азија. Сакам да освојувам трофеи во што е можно повеќе лиги, да се докажувам и надигрувам со најдобрите играчи. Затоа и неслучајно избрав да играм во полската лига, бидејќи таму се уште се немам докажано. Имав уште една понуда и од Италија, но не можев да го чекам почетокот на маркетот таму. Исто така знаев дека првите четири екипи нема да менуваат играчи на позицијата коректор, што ми ја олесни работата во донесување на одлуката. Се појави понудата од Варшава, во април месец склучив едногодишен договор со клубот, иако тоа не беше веднаш објавено. Можеби е негативна особина тоа што не сакам да чекам до јуни или јули за да најдам клуб. Сакам што побрзо да ги завршувам обврските на тоа поле. Имав и понуда од Турција, но со сопругата се одлучивме за Полска како нова дестинација во нашиот заеднички живот.

•Одбојкарскиот клуб Варшава добива финанска поддрша од новиот спонзор, а доказ дека имаат амбиции да ја освојат полската лига, се ангажманот на нашиот капитен Никола Ѓоргиев и легендата на француската одбојка за нов предводник, Стефан Антига
 Одбојкарскиот клуб Варшава добива финансиска поддршка од новиот спонзор, а доказ дека имаат амбиции да ја освојат полската лига, се ангажманот на нашиот капитен Никола Ѓоргиев и легендата на француската одбојка за нов предводник, Стефан Антига

„Сите коцки се составија во клубот, навистина ми се допаѓа нивната идеја. Влезот на новиот спонзор значи нова приказна, самиот ангажман на Стефан Антига за нов тренер кажува колку се сериозни во намерата да ја освојат титулата. Една од причините за мојата преселба во Полска е токму можноста за соработка со Антига. Тој беше селектор на полската репрезентација која го освоија Светското првенство. Исто така голем предизвик е тоа што овој клуб нема освоено титула скоро 40 години, така што ќе биде убаво да успееме да ја оствариме таа цел. Павел Загумни, екс-техничарот на полскиот национален тим и светски шампион е назначен за директор на клубот, така што прават клуб на здрави нозе, со амбиции да бидат меѓу најдобрите екипи во таа лига. Во текот на преговорите им напоменав дека доаѓам со педигре на шампион, и моите амбиции мора да одговараат со оние на клубот. Челниците ги сфатија моите желби, потенцираа дека нивната цел е да се стигне до врвот. Нормално дека не може да се гарантира успех, лигата е една од најконкурентните во Европа, сето тоа ќе зависи од моите перформанси и  на соиграчите, како и посветеноста на тренерот и целокупната работа на клубот. Повторувам, клубот има доста квалитет, ќе биде еден интересен проект, една нова приказна во која ќе се обидеме да испишеме нови страници во историјата.

Се вчитува...