Пејачот на Бијело Дугме, Ален Исламовиќ, вели дека легендарниот македонски кошаркар Благоја Георгиевски кој трагично загина во тешка сообраќајна несреќа ноќта меѓу среда и четврток, не конзумирал алкохол таа вечер. Тој беше во негово друштво до 22.30 часот, по што се разделиле. Ален Исламовиќ заминал да спие, а Буштур заминал кон својот дом. Но, заврши трагично.
„Со Буштур се познавав околу една година, а првпат се сретнавме на средба кај градоначалникот на Скопје. Веднаш најдовме заеднички јазик, а јас секогаш му се јавував кога ќе дојдев во Македонија. Така беше и во средата. Тој веднаш рече ‘Ален, ајде да одиме на вечера“, но го одбив тоа затоа што веќе ручав со некои бизнисмени, па се договорив со Буштур да одиме на пијачка. Бевме заедно од 21.30 до 22.30 часот. Сега ми е жал што не останавме и подолго, но сакав да отспијам барем малку пред да се вратам во Загреб за каде што имав лет рано изутрина. Се договоривме дека мора да се сретнеме кога ќе дојдам во Скопје следниот пат, но таква средба никогаш повеќе нема да има. Не можам да верувам дека последен пат се сретнавме вчера. Тој беше легенда, великан на кошаркарскиот свет и, пред се голем човек“, раскажува Ален Исламовиќ за хрватскиот весник „Јутарњи лист“.
Веста дека загинал Благоја Георгиевски, популарниот пејач ја дознал околу 3 часот наутро, кога патувал кон скопскиот аеродром.
„Заеднички познаник нè возеше на аеродромот кога ме праша дали слушнав за трагедијата. Мислев дека се шегува, но кога сфатив дека е вистина, останав во шок. Буштур не консумираше алкохол вечерта. Ние пиевме шприцер, а тој пиеше кафе и минерална вода, така што сите приказни за некаков алкохолизам како причина за несреќата паѓаат во вода. Мене, онака човечки, ми падна на памет дека можеби му откажало срцето. Па си мислам, тој сигурно не ни возел брзо, нешто мора да му се случило за да ја изгуби контролата врз возењето. Како и да е, ова е една ужасна трагедија. Нека му е вечна славата и големо и искрено сочувство до неговото семејство. Тој ќе остане во моето срце засекогаш“, истакнува Исламовиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА