Италија со убедлива победа го запечати пласманот во четвртфиналето

Италија обезбеди пласман во четвртфиналето од Мундобаскет 2023 откак „аѕурите“ во клучниот меч славеа над селекцијата на Порторико со резултат 73-57. Охрабрени по големиот триумф над Србија од пред два дена, италијанските кошаркари денеска ја оправдаа фаворитската улога, стигнувајќи до победа која им осигура место меѓу најдобрите осум селекции во светската кошарка.

Италијанците одлично го отворија мечот, поведоа со 25-15, но Порториканците не се откажаа и во вториот период се вратија и на одмор се замина со предност од три поени за Италија (39-36). Третата четвртина мина во израмнета игра (12-11), но победникот беше решен со фуриозниот старт на последниот период што Италија го отвори со 12-3, стигна до двоцифрена предност и ја задржа до самиот крај и конечните „плус 16“.

Ричи и Тонус со по 15 поени беа најефикасни во таборот на италијанскиот национален тим, додека прв стрелец на Порторико беше Вејтерс со 13 поени.

Во вториот меч од оваа група се среќаваат Србија и Доминиканска Република. Ако слави Србија, Италија ќе заврши како првопласирана во групата пред нашиот северен сосед, но доколку слави Доминиканската Република тогаш оваа селекција ќе заврши како прва,пред „аѕурите“ на втората позиција.

Се вчитува...