Италијанците децидни: Калчо-лигата нема да запре доколку се зарази фудбалер?!

Италијанските прволигаши се решени по секоја цена да ја завршат сезоната, за да ги спасат барем парите од ТВ-правата кога веќе стана јасно дека ќе немаат приходи од влезници бидејќи сите преостанати натпревари ќе бидат играни пред празни трибини.

Весникот „Кориере“ тврди дека на последниот состанок станало збор и за тоа како би се реагирало доколку повторно се случи фудбалери од Калчо-лигата да бидат позитивни на Ковид-19 вирусот. Притоа, сите клубови биле со идентичен став – постоењето на ризик од такво нешто е сосема логично, но заедничката одлука била – сезоната мора да се доигра.

„Ризик од нови случаи сигурно ќе постои најмалку до есента. Ако сега се почне, а при првиот случај пак се запре на неодредено време, не сме направиле ништо“, информира „Кориере“ за ставовите на италијанските прволигаши.

Се очекува да бидат утврдени строги правила за тестирање кои ќе се вршат најмалку три пати неделно, а доколку фудбалер биде позитивен на коронавирус, веднаш ќе биде ставен во изолација, а неговите соиграчи секојдневно би биле тестирани.

Секоја екипа има над 20 фудбалери во своите редови, така што освен во случај на екстремно ширење (од кое би се заштитиле со поинакви мерки) ќе можат да си дозволат да ги одиграат преостанатите натпревари без неколку првотимци.

Се вчитува...