Иван Тричковски запишува „златни рекорди“… 100 интернационални голови во кариерата!

Македонскиот репрезентативец Иван Тричковски оваа година доживува своја втора младост… Дефинитивно со игрите во дресот на кипарски АЕК но и во македонската репрезентација оваа есен се запишува со големи букви во аналите на македонската фудбалска историја!

Скромното момче со огромен фудбалски квалитет, пред четири дена постигна „златен погодок“ за триумф на неговиот АЕК Ларнака против Омонија во дербито на кипарскиот шампионат. Но, тоа не беше само гол за три бода на АЕК, но и погодок за „златен рекорд“ на Тричковски кој стигна до бројката од 100 интернационални погодоци во кариерата.

Почнувајќи од сезоната 2008/2009 кога од Работнички го реализираше својот прв интернационален трансфер во белградска Црвена Звезда, 31-годишниот Иван Тричковски досега настапувајќи за 8 клуба во странство стигна до бројката од 100 гола.

И тоа од нив, 71 првенствен гол во дресот на Црвена Звезда, па кипарските Енозис, АПОЕЛ и АЕК Ларнака, белгиските Бриж и Беверен, па Ал Наср од ОАЕ и полската Легија Варшава…

Дополнети со 13 голови во натпреварите на Купот во соодветните држави во кои настапува…

И, сето тоа заокружено и со 16 погодоци на мечевите од меѓународните натпреварувања под капата на УЕФА…

Од нив, Иван Тричковски дури 55 погодоци запиша последниве три сезони во дресот на АЕК Ларнака што повеќе од доволно зборува за неговата „втора фудбалска младост“.

А, добро е познато дека и од претходно македонскиот репрезентативец веќе има две историски постигнувања во дресот на АЕК Ларнака како странец со најголем број погодоци на натпреварите во европските купови за кипарски тимови (два во дресот на АПОЕЛ и 13 за АЕК Ларнака), но и преку својот личен рекорд со шест постигнати гола во само седум меча во европските натпреварувања оваа сезона.

За Иван Тричковски дефинитивно оставен е и дополнителен простор наредниот период за нови рекордни постигнувања и во дресот на АЕК Ларнака, кој се натпреварува во Лигата на Европа, на европската сцена но и во дресот на македонската репрезентација во Лигата на нации. За македонската сениорска селекција Тричковски досега има 52 одиграни натпревари и пет постигнати погодоци.

 

Се вчитува...