Изненадувачки пораз на Георгиев на стартот на Европското поединечно првенство во Скопје

Најдоброрангираниот македонски шахист Кирил Георгиев со изненадувачки пораз од тотален аутсајдер стартуваше на Европското поединечно првенство во шах кое од денеска се одржува во хотелот Хилтон во Скопје.

Велемајсторот Георгиев (2595) кој е 73-то рангиран според рејтингот од вкупно 361 шахист на првенството, во првото коло неочекувано загуби од женскиот интер-мајстор Филиз Османоџа (2326) од Германија. Победа во првото коло запиша, пак, велемајсторот Александар Чоловиќ, а пораз доживеа репрезентативецот ИМ Никола Николовски (2404) од Русинот Евгениј Алексеев (2640).

Прворангиран шахист на Европското првенство е Русинот Владислав Артемиев со рејтинг -2736.

Инаку, на свеченото отворање на шампионатот претседателот на Европскиот шаховски сојуз, Зураб Азмаипарашвили ги поздрави сите учесници и гости на првенството укажувајќи на важноста на овој голем европски шаховски настан. Притоа Азмаипарашвили му додели почесна плакета како симбол на благодарност за поддршка на настанот на директорот на Агенцијата за млади и спорт Дарко Кaевски кој, пак, не го криеше задоволството што Скопје е домаќин на еден од најпрестижните шаховски настани на Стариот континент.

Се вчитува...