Ига Швијонтек го претрпе и вториот пораз на ВТА-завршниот турнир што се игра во Ријад, со што втората носителка остана без место во полуфиналето на ова елитно натпреварување. Откако пред два дена загуби од Рибакина, Швијонтек вечерва капитулираше и пред Аманда Анисимова, Американката која со оваа победа го обезбеди второто место во групата и си закажа полуфинале на завршниот турнир.
Швијонтек знаеше да ги искористи своите шанси во првиот сет и поведе со 7-6 (7-3 во тајбрејкот), но остатокот од денешниот меч мина во знакот на американската тенисерка. Таа искористи брејк-топка во клучните моменти и го доби вториот сет со 6-4, а потоа во третиот целосно издоминира во однос на Швијонтек и заслужено стигна до победата.
По овој триумф, Анисимова во своето прво учество на завршниот ВТА-турнир ќе се сретне со победничката во втората група, Сабаленка, Гоф или Пегула.
Првопласирана во групата на Анисимова и Швијонтек е Рибакина, која имаше три победи на трите досегашни одиграни мечеви во Ријад.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

