Извонредниот Џејмс Харден со 42 поени ја запре низата од 13 победи на Портланд

Низата од 13 едноподруго победи на Портланд запре синоќа во нивниот „Мода центар“ каде загубија од најдобриот тим во лигата, Хјустон со 111-115.

Триумфот на Хјустон дојде во финишот кога во клучните моменти создадоа предност од девет поени (104-113) која успеаја да ја зачуваат до крајот.

Незапирлив во победничкиот тим беше Џејмс Харден со 42 поени, додека на спротивната страна одличен беше Јусуф Нуркиќ со „дабл-дабл“ ефект од 21 поен и 11 скока.

Минесота славеше (123-109) против ЛА Клиперс на домашен терен и на тој начин ја продолжи грчевитата борба за плеј-оф во Западната конференција.

Минесота сега е седма со скор од 41-31, победа повеќе од Јута, а следат Денвер со 38-33 и Клиперси со 37-33.

Најзаслужен за победата на домашните беше Карл-Ентони Таунс со 30 поени, дополнети и со 10 скока и три асистенции. Одличен беше и Ендрју Вигинс со 27 поени.

Клиперси беа предводени од ДеАндре Џордан со 18 поени и 12 скока, Лу Вилијамс и Шон Килпатрик постигнаа по 15 поени.

Во останатите мечеви, Торонто славеше на гостувањето против Орландо со 86-93, Бостон беше подобар од Оклахома со 100-99, Њу Орлеанс го совлада Далас со 115-105 а Атланта славеше на гостински терен против Јута со 94-99.

Се вчитува...