Јокиќ блеска со нов „трипл-дабл“, ниту 35 поени на Леброн не го спасија Кливленд од пораз во Портланд

Српскиот кошаркар Никола Јокиќ го запиша новиот, осми „трипл-дабл“ сезонава во НБА лигата.

Денвер славеше против Детроит со 120-113, а Јокиќ доминираше во дуелот со еден од најдобрите центри во лигата, Андре Драмонд постигнувајќи 23 поени, дополнети и со 12 скока и 10 асистенции. Имаше и три украдени топки и три блокади.

„Имаше пеколен меч, со ‘трипл-дабл’ и победа. Се впуштав постојано во дуел со него, но тој играше мудро без да се обидува да ги блокираш шутевите. Чекаше мудро во одбраната, а беше одличен во нападот“ – ја прокоментира Драмонд играта на Јокиќ.

Кошаркарите на Портланд, пак, продолжија со победите. Синоќа славеа и против Кливленд со 113-105.

Најефикасен во победничкиот тим беше МекКалум со 29 поени, а Дамијан Лилард постигна 24 поени. Кај Кливленд Леброн Џејмс постигна 35 поени и имаше 14 скока. Но, ниту тоа не помогна Кливленд да избегне пораз.

Торонто славеше на гостувањето против Индијана со 99-106, Атланта загуби од Шарлот со 117-129, Њујорк од Филаделфија со 110-118, додека Хјустон беше подобар од ЛА Клиперс со 101-96.  Во интересен меч Чикаго со 110-111 славеше против Мемфис, а Сан Антонио пред своите навивачи славеше со 98-93 против Њу Орлеанс. Јута убедливо триумфираше против Феникс со 116-88.

Се вчитува...