Јовиќ: Од мачиња да станеме лавови против Спортинг

Лино Червар веднаш по поразот од Бешикташ замина за Загреб, оставајќи му ја на Александар Јовиќ одговорната задача да ја крене атмосферата во редовите на Металург. Асистентот на Червар работеше со тимот во изминатите денови и верува дека против Спортинг Лисабон в сабота македонскиот вицепрвак ќе се прикаже во далеку подобро светло отколку со Бешикташ.

„Фаворитската екипа ја препуштаме на португалскиот тим. Тоа е искусна екипа што игра цврсто во одбрана и е многу опасна во нападот. Мое видување, додека работев во отсуство на Лино Червар, сметам дека во еден колектив сите вработени имаат свои права и обврски. Од страна на клубот сите обврски кон нас вработените се исполнети, сега ние треба да ги исполниме нашите обврски кон клубот, газдата и кон публиката што не бодри на секој натпревар. Треба да завршиме со криење од типот „имавме лош ден или лошо судење“, време е да се трансформираме, од мачиња да станеме лавови. Сметам дека само така можеме да се спротивставиме на екипата на Спортинг, со беспрекорна борбеност во одбрана што би ни овозможила и лесни голови во нападот. Ракометот е колективна игра и нема многу простор за индивидуализам. Силен колектив може да исфрли квалитетен поединец на површина, но еден поединец не може сам да влече цел тим напред“ – истакна Јовиќ на денешната прес-конференција.

Голманот Дарко Арсиќ ја презеде одговорноста за поразот од Бешикташ, најавувајќи поголема борба на следниот меч од ЛШ.

„Сакам прво да се навратам на мечот со Бешикташ. Ракометот е колективна игра, ако јас и соиграчите имаме ден и се оди како што треба, можеме да победуваме. За жал, против Бешикташ соиграчите немаа помош од голманите и јас затоа целосно ја преземам одговорноста за тој пораз. Следниот меч против Спортинг е многу тежок, против себе имаме силен противник, но ниту една екипа не е премногу добра ако успеете да ја запрете, да не и дозволите да доминира на теренот. Мислам дека в сабота ќе победи екипата што ќе даде повеќе од себе на теренот, верувам дека тоа ќе бидеме ние“ – порача Арсиќ.

Се вчитува...