Манчестер Јунајтед ја одреди цената за Погба

Пол Погба во последно време добива поголема минутажа во Манчестер Јунајтед, но тоа не ја менува неговата желба – на крајот од сезонава да си замине од „Олд Трафорд“. Ниту „црвените ѓаволи“ не се заинтересирани да го убедуваат Французинот да го промени својот став, свесни дека конфликтите со неговиот агент Мино Раиола се преголеми за раните да можат да бидат залечени. Британските медиуми информираат дека Јунајтед веќе ја одредил и цената – клубовите заинтересирани за Погба ќе мораат да му платат на МанЈу 75 милиони евра доколку сакаат да го видат одличниот плејмејкер во своите редови.

На англискиот гигант му е јасно дека нема да може да си ги врати оние 100 милиони евра што му ги плати на Јувентус при доаѓањето на Погба, но „ѓаволите“ ќе настојуваат да добијат назад што поголем дел од оваа сума. Јувентус не ја крие желбата да го врати Погба, а според последните информации и Маурицио Покетино сака да го види Погба во ПСЖ, за што добил ветување од управата за сериозни преговори со Јунајтед во текот на летото.

Проблем претставува фактот дека Погба тогаш ќе има уште една година од договорот со Јунајтед, што може да се одрази врз неговата цена, па останува да се види дали англискиот гигант ќе успее да ја добие сумата што ја поседува, или ќе мора да даде „попуст“ за да не ризикува Погба во 2022 година без отштета да си замине од „Олд Трафорд“.

Се вчитува...