Јунајтед подготви 100 милиони фунти за Хари Кејн, има само еден проблем…

Манчестер Јунајтед е подготвен за целосна офанзива по потписот на Хари Кејн, кого „црвените ѓаволи“ го избрале како идеална опција за нова „деветка“ во своите редови, пред Виктор Осимен од Наполи. Кејн летово ќе влезе во последната година од договорот со Тотенхем, веќе јасно стави до знаење дека нема намера да потпише нов бидејќи сака да се бори за трофеи, нешто што делува невозможно со неговиот сегашен клуб.

Британските медиуми најавуваат дека веќе е воспоставен и првиот контакт, а на Кејн му е понудена неделна плата од 300.000 фунти, со што ќе стане најплатен фудбалер на „Олд Трафорд“ (моментно повеќе заработува само Де Хеа, но тој или ќе си замине летово како слободен играч, или ќе прифати нов договор со значително намалување на платата). Тен Хаг сака да го обедини тандемот на англиската репрезентација Кејн – Рашфорд и верува дека со ангажманот на асот на Тотенхем ќе успее и да го убеди Рашфорд во амбициите на клубот, за да потпише нов долгорочен договор со „црвените ѓаволи“.

Веќе е подготвена и понуда од 100 милиони фунти за Тотенхем, огромна сума ако се знае дека Кејн наредното лето ќе биде достапен без никаква отштета.

Како единствен проблем британските медими го наведуваат одбивањето на претседателот на Тотенхем, Даниел Леви, да преговара со клубовите од Манчестер за продажба на било кој фудбалер на „спарси“. Тој бил видно разочаран кога Кајл Вокер своевремено се пресели во Сити, давајќи ветување дека никогаш повеќе нема да продаде фудбалер на клубот од Манчестер. Тоа ветување барем засега го има исполнето, но останува да се види дали Леви ќе остане на своите принципи и летово и ќе ризикува наредното лето да не добие ниту фунта за својот најдобар фудбалер.

Се вчитува...