Јунајтед заборави да победува на „Олд Трафорд“, нова победа на Алиоски и Лидс

Манчестер Јунајтед не успеа да триумфира и на третиот меч во низа на домашен терен, ремизирајќи против Фулам 1-1 на мечот на кој навивачите конечно добија зелено светло за враќање на „Олд Трафорд“. Единсон Кавани со еврогол од 40 метри најави спектакл на „театарот на соништата“, но по неколкуте промашени шанси казната стигна на спротивната страна во 76. минута, кога Брајан го матираше Де Хеа.

Јунајтед се обиде да постигне и втор гол, но избраниците на Солскјер беа очигледно исфрлени од ритам со примениот гол, па на крајот мораа да се задоволат само со еден, наместо со планираните три бода.

Езгијан Алиоски и Лидс забележаа уште една гостинска победа, овојпат против Саутемптон со 0-2. Македонскиот репрезентативец повторно беше стартер за својот тим, за кој стрелец на победничкиот гол беше Бамфорд во 73. минута од натпреварот. Конечните 0-2 во последните моменти од мечот ги постави Робертс.

Се вчитува...