Јуве има „дил“ со Киеза, но сега следи она тешкото…

Италијанскиот репрезентативец Федерико Киеза е подготвен да ја напушти Фиорентина, а негова желба е да се пресели во редовите на Јувентус. Според весникот „Ла Стампа“, крилниот офанзивец веќе ги има договорено и личните услови, петгодишен договор за загарантирана плата од пет милиони евра по сезона, но „црно-белите“ се свесни дека сега им претстои потешкиот дел од задачата – да се договорат со Фиорентина околу висината на овој трансфер.

Проблем е фактот што „старата дама“ со години важи за омразен клуб за Фиорентина, односите меѓу нив се нарушени најмалку триесетина години, а управата на клубот не крие дека би претпочитала Киеза да биде продаден во Интер отколку во Јувентус. Јуве низ годините успеваше да донесе врвни засилувања од Фиренца како Роберто Баџо, последен ваков пример е Федерико Бернардески, но преговорите за Киеза ќе одат уште потешко ако се знае дека за овој фудбалер се интересираат уште неколку врвни клубови ширум Европа.

Не се исклучува можноста и Бернардески да биде вклучен во понудата, заедно со дополнителни 20 милиони евра, се со цел да се убедат „виолетовите“ на комплетирање на трансферот на одличниот крилен офанзивен играч. Покрај Бернардески, се очекува од тимот да си замине и Бразилецот Даглас Коста, кој пропушти голем дел од сезоната поради чести повреди.

Се вчитува...