Џанлуиџи Буфон е подготвен да ја продолжи својата фантастична фудбалска кариера потпишувајќи нов едногодишен договор со Јувентус, откако и раководството на „старата дама“ искажало подготвеност да ја продолжи соработката со легендарниот голман. Буфон по една година во ПСЖ се врати назад во Јуве и се уште важи за еден од лидерите во соблекувалната на „старата дама“, користејќи го своето искуство и влијание за создавање на добра атмосфера во екипата.
Шчешни е прв голман на Јувентус, но на Буфон не му пречи да ја има улогата на прва резерва и се задоволува со просек од еден до два меча месечно на кој тренерот Пирло му дава шанса да се докаже. Тој имаше неколку одлични интервенции на голот на Јуве на првиот полуфинале меч од Копа Италија против Интер, докажувајќи дека се уште може да брани на највисоко ниво. Се очекува Буфон да биде стартер и на вечерашниот реванш, а потоа во текот на месецов и официјално да почнат преговорите кои не би требало да траат предолго.
„Бескрајниот предзвик на Буфон… финале, Лига на Шампионите и нов договор“, пишува италијанскиот весник „Стампа“, кој тврди дека кај двете страни постои интерес што поскоро да се седне на маса и да се потпише договорот, за 43-годишниот голман да испише уште една страница во својата неверојатна кариера.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА