Каков Меси, Барди е кралот на слободните удари во Шпанија

Енис Барди од денеска почнува со подготовки со македонската репрезентација, но во Шпанија продолжуваат комплиментите на адреса на нашиот интернационалец по неговиот фантастичен погодок на гостувањето со Леванте.

Откако лани постигна само еден гол помалку од слободен удар од Лионел Меси (Барди имаше пет, а асот на Барса шест), македонскиот фудбалер минимално останува зад Аргентинецот и кога станува збор за вкупниот број на голови од вакви ситуации во претходните две сезони (6-7). Сепак, весникот „Марка“ јасно става до знаење дека Барди е далеку попрецизен отколку Меси, со оглед на фактот дека фудбалерот на Леванте погодил шест пати од 22 обиди, додека седумте гола на ѕвездата на Барса дошле од вкупно 58 обиди.

Во фокусот на вниманието на шпанската јавност, Барди открива дека има свој „специјален рецепт“ при изведувањето на слободните удари.

„Ги гледам и Меси и Роналдо, кои важат за мајстори за слободни удари, но јас имам свој сопствен рецепт. Не учев ниту од едниот, ниту од другиот, тренирам напорно и настојувам самиот да се усовршам без да копирам никого“ – истакна Барди.

Се вчитува...