Каков трилер-дуел: Работнички по 50 минути „војна“ го реши Пелистер

Пелистер и Работнички одиграа фантастичен натпревар во кошаркарскиот шампионат, во кој гостите од Скопје по огромна борба и две продолженија успеаја да го скршат отпорот на мотивираниот домашен состав и да стигнат до победа од 110-115. Ова е сериозен удар за шансите на „пелистерци“ за влез во Супер-лигата, со оглед на фактот дека пропуштија одлична можност да се израмнат со Куманово во трката за шестото место кое води во разигрувањето со елитното друштво.

Домаќините имаат за што да жалат ако се земе во предвид извонредното прво полувреме во кое одиграа беспрекорно и предводени од Мекиќ на одмор заминаа со предност од 54-44. Советите на тренерот Мираковски вродија со плод, па Работнички одигра извонредно во третата четвртина, во која „центарци“ славеа со 13-29 и целосно го свртеа резултатот во своја полза. „Центарци“ имаа и единаесет поени предност со тројката на Мијатовиќ на стартот од последната четвртина (67-78), но Пелистер не само што успеа да се врати, туку во финишот влезе со три поени предност. Кире Николовски ја погоди клучната тројка за израмнување на 94-94 на половина минута до крајот, по што Думиќ не го реализираше последниот напад на битолчани.

Победник немаше ниту по првите пет минути продолжение, а во вториот дел пресуди поголемото искуство на Работнички гостите од Скопје го отворија овој период со осум поени во низа, предност што се покажа недостижна за домашниот состав.

Лесколт беше незапирлив за битолчани постигнувајќи феноменални 43 поени за Работнички, 23 додаде Мијатовиќ, додека кај Пелистер најефикасни беа Зекири со 28 поени и 10 скокови (шут 12/13 од поле) и Мекиќ со 25 постигнати поени.

Се вчитува...