Калиниќ доаѓа на „Сан Сиро“, тоа го чека и Нестор-гол за да ја види Фиренца

Италијанскиот калчолигаш Милан ќе го комплетира реновирањето на својот состав со купување на уште еден квалитетен напаѓач, а изборот на Винченцо Монтела падна на Никола Калиниќ. Иако „росонерите“ се надеваа дека можеби ќе успеат да го купат Пјер – Емерик Обамејанг од Борусија Дортмунд, сепак, Калиниќ ќе биде засилувањето што треба да пристигне на „Сан Сиро“.

Милан не сакаше да плати 30 милиони евра, колку што побара Фиорентина за овој играч, но се чини дека сега „виолетовите“ омекнаа, па Калиниќ би можел да се упати кон Милано и за 25 милиони евра. Тој треба да ја комплетира навалната линија заедно со Андре Силва, со оглед дека Карлос Бака речиси сигурно до крајот на преодниот рок ќе биде продаден.

Ваков развој на настаните чека и македонскиот репрезентативец Илија Несторовски. Продажбата на Никола Калиниќ ќе ја остави празна напаѓачката позиција во Фиорентина, а раководството на клубот веќе подолг период на „пик“ го има токму Нестор-гол. Се очекува дел од парите од продажбата на Калиниќ да завршат во Палермо, и Илија Несторовски да стане нов фудбалер на Фиорентина.

Се вчитува...