Екипата на Валенсија има очаен старт на новата сезона, четири меча и четири порази и е фаворит за испаѓање од Ла Лига доколку итно не се сменат работите, а веќе и клупските легенди го кренаа гласот против сопственикот и управата.
Легендарниот голман Сантијаго Кањизарес, кој од 1998 до 2008 година го носеше дресот на Валенсија, смета сопственикот Питер Лим мора што поскоро да си замине од клубот, а со него да си оди и управата. Тој се огласи во јавноста по вчерашниот убедлив пораз на Валенсија од 0:5 од Барселона и тоа на „Местаља“.
„Валенсија е ранета. Претходно се зборуваше дека Питер Лим ќе го продаде клубот само да се појави заинтересиран купувач. Но, Валенсија е рудник за злато. Погледнете, 40.000 навивачи доаѓаат на „Местаља“ иако знаат дека ќе патат и ќе гледаат срамота. Тоа се неверојатни навивачи. Проблемот е што Лим не сакаше ниту да ги сослуша луѓето кои сакаа да го купат клубот. Последен таков обид имаше пред речиси една година. Затоа клучното прашање е како да се притисне да го стави клубот на продажба и да се натера да си оди за да ја прекине оваа ноќна мора. Постои само еден начин, со притисок од јавноста. Знам дека навивачите не се виновни и го заслужуваат целиот респект за тоа што се со тимот“, вели Кањизарес.
Поранешниот голман смета дека навивачите треба да почнат да ги бојкотираат натпреварите на „Местаља“ со што би се зголемил притисокот врз сопственикот кој воопшто не живее во Шпанија и не ги следи редовно настапите на Валенсија.
„Не знам дали Питер воопшто знае во каква состојба е неговиот тим, дали воопшто ги гледа натпреварите и дали воопшто се грижи за клубот. Политичарите можеа да извршат притисок врз него. Можеа да не му дадат дозвола за пренамена на земјиштето кај стадионот и со тоа да му ги расипат сметките за новиот стадион, но не го направија тоа. Само навивачите можат да ја спасат Валенсија, иако не е фер да се бара од нив да го сторат тоа.“, зборува Кањизарес.
Вчера гласот го кренаа и навивачите на Валенсија, кои по натпреварот со Барселона протесираа пред стадионот и бараа оставки од управата и заминување на сопственикот Питер Лим.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
