Кантона влезе во „Куќата на славните“ на ПЛ: Горд сум, но не сум изненаден

Легендарниот фудбалер на Манчестер Јунајтед, Ерик Кантона е примен во „Куќата на славните“ на англиската Премиер лига. Кантона е еден од шесте играчи кои обезбедија место во „Куќата на славните“ благодарение на гласовите на навивачите и стручното жири.

Фудбалерот на „црвените ѓаволи“ изјави дека е горд на ова признание, но потенцираше дека не е изненаден.

„Среќен сум и горд, но морам да кажам дека не сум изненаден. Би бил изненаден ако не бев дел од овој избор. На списокот имаше скоро 30 имиња. Ако требаше некој да биде избран, тоа бев јас. Другите се одлични, но јас сум извонреден“, рече Французинот.

Кантона играше за Лидс и Манчестер Јунајтед во Премиер лигата. Тој одигра 156 натпревари во англискиот шампионат, постигна 70 погодоци и освои четири шампионски титули со клубот од „Олд Трафорд“. За потсетување, Алан Ширер и Тиери Анри беа првите играчи примени во „Куќата на славните“. Имињата на преостанатите пет фудбалери, за кои исто така гласаа навивачите, ќе бидат објавени оваа недела.

 

 

 

Се вчитува...