Карачиќ: Игравме без 21 плата, но ја освоивме ЛШ. Уште не сме добиле пари, ветено ни е до 1. септември!

Веднаш по промоцијата во дресот на полски Кијелце, Игор Карачиќ повторно се врати во Скопје на средба со старите, добри пријатели од главниот град на Македонија. Но, веројатно и на последни разговори околу добивањето на заостанатите плати од „црвено-црните“.

Во изјава за „Брз центар“, Карачиќ нагласува дека можеби и не би заминал од Вардар доколку не беа финансиските проблеми, но посакува еден ден повторно да се врати и да ја заврши кариерата во црвено-црниот дрес.

„Не знам дали ќе заминев ако не беа финансиските проблеми. Ја сакам Македонија, Скопје и Вардар. Тоа е мојот втор дом. Тажно е што заминувам, но можеби ќе се вратам за три години, кога ќе ми заврши договорот со Кијелце. Македонците се одлични луѓе: фини, паметни и јаки. Би сакал да ја завршам кариерата во Скопје“ – вели Карачиќ и дополнува:

„Што се однесува до финансиите, проблемите ни беа навистина големи. 21 месец не земавме плата. Беше тешко, а се почна на почетокот од минатата сезона. Дојдоа и ни рекоа: кој сака може да си оди. Но одлучивме да останеме до крајот на сезоната и да се обидеме да дојдеме до трофејот во Лигата на шампионите. Се останато е историја“.

Карачиќ вели дека, и наспроти одредени пишувања, се уште не ги добиле парите а ветено им е да бидат трпеливи до 1. септември.

„Се уште чекаме на парите. Ни ветија дека ќе биде исплатено до 1. септември, и верувам во Сергеј Самсоненко“.

Хрватскиот репрезентативец во интервјуто за рускиот портал потенцира дека единствено инаетот и огромната желба придонеле да дојдат до трофејот во Лигата на шампионите.

„Игравме како деца, за наше задоволство и наша радост. Го чувствувавме тоа меѓу нас и успеавме онака како што успеваат само децата верувајќи и во невозможното“ – вели Карачиќ.

Се вчитува...