Kари: Се оди според планот

Ѕвездата на Голден стејт Стеф Кари, сезонава нема среќа со повредите поради кои досега испушти 30 натпревари. Поради истегнување на лигаментите на коленото, искусниот плејмејкер ќе ја пропушти првата рунда од плеј-офот, но она што ги радува сите фанови на „воините“ е дека Кари се опоравува според планот.

„Тоа беа две интересни недели. Засега се оди според планот, добро се опоравувам и без никакви непосакувани реакции. Секој ден ми е се подобро и се надевам дека набрзо ќе бидам подготвен да се вратам на терен. Мило ми е што можам да патувам со играчите, така можам на било каков начин да им помогнам. Оваа сезона е сосема различна од минатата. Повеќе се соочуваме со повреди, знаеме некогаш да не одигравме како што треба, но тоа е дополнителен притисок бидејќи ја браниме титулата. Ние и натаму сме шампионски тим, со шампионско педигре. Целта е јасна, ние ја сакаме титулата и ќе ја одбраниме“, изјави Кари.

Во отсуство на Кари, местото во стартната постава го презеде Квин Кук, кој засега одлично се снаоѓа, и кого управата го награди со нов двегодишен договор по добрите настапи за тимот. Сепак, ако Голден стејт посакува да го одбрани тронот, ќе им биде потребен Кари да се врати на теренот што побрзо, и да игра на највисоко можно ниво кога ќе биде најпотребно.

Се вчитува...