Кари сруши рекорд на Реј Ален, Голден стејт поведе со 2-0 во финалето против Кливленд

Кошаркарите на Голден стејт имаат и 2-0 во финалето од НБА ливата откако повторно на домашен терен славеа против Кливленд, сега со 122-103.

И додека во првиот меч Кливленд имаше дури и триумф во свои раце, сега Вориорси далеку полесно стигнаа до победа и водство од 2-0 пред преселба на серијата во Охајо. Голден стејт го контролираше мечот од почеток до крај. Во втората четвртина направи и разлика од 13 поени (59-46), која Кливленд до крајот не успеа да ја стигне.

Стеф Кари со 33 поени, седум скока и осум асистенции беше најдобар кај домашниот тим, а Кевин Дурант го следеше со 26 поени, девет скока и седум асистенции. Клеј Томпсон постигна 20 поени.

На спротивната страна, на Леброн Џејмс му недостасуваше само скок за „трипл-дабл“, а мечот го заврши со 29 поени, 13 асистенции и девет скока. Џејмс го престигна Карем Абдул Џабар на вечната листа на поентери во НБА финалните дуели, а пред себе сега го има само Џери Вест.

Синоќа Кари со девет тројки го сруши рекордот на Реј Ален по бројот на уфрлени тројки на еден меч од финалето во НБА лигата. Ален остана на осум тројки.

Следниот меч се игра во Кливленд, на 6. јуни утрото од 3 часот по средноевропско време.

Се вчитува...