Каша-попара во групата на Србија: Порториканците ја изненадија Доминиканска Република

Разврската во групата И од втората фаза од Мундобаскет 2023 дополнително се искомпликува откако попладнево Порторико успеа да триумфира над селекцијата на Доминиканска република со резултат 102-97. Откако Србија утрово беше поразена од Италија, со денешниот триумф на Порторико сега сите четири селекции имаат израмнет број на бодови на едно коло до крајот, па победниците од натпреварите: Србија – Доминиканска Република и Италија – Порторико ќе се пласираат во четвртфиналето.

Денешниот натпревар беше интересен и преполн со пресврти, Доминиканците постигнаа само 12 поени во првиот период (12-17), но потоа експлодираа во втората четвртина со дури 33 поени, по што на одмор се замина со израмнети 45-45. Пресудна се покажа подобрата игра на порториканските кошаркари во последниот период, што го добија со 33-23 и стигнаа до нов триумф на овој светски шампионат.

Тремонт Вејтерс беше апсолутен херој на победничката репрезентација со 37 постигнати поени, додека на Доминиканците не им помогна ниту одличното издание на Таунс, кој реализираше дабл-дабл од 39 поени и 10 скокови.

Се вчитува...