Кастратовиќ: Криенс е ривал што го посакувавме, но ќе мораме да го смениме односот во играта

Во таборот на Металург владее задоволство откако денеска беше добиен швајцарски Криенс од Луцерн за ривал во второто квалификациско коло од Лигата на Европа.

„Не е тајна дека овој тим е еден од оние што најмногу ги посакувавме во пресрет на ждрепката. Фаворитската улога ни припаѓа нам, но јасно ни е дека ќе мораме да ја оправдаме на терен. Засега немаме премногу информации освен резултатите на Криенс во претходната квалификациска рунда, но во наредните денови ќе почнеме со детална анализа на противникот“, истакна тренерот Зоран Кастратовиќ.

Според искусниот стратег, најважно од се е Металург да биде на посакуваното ниво и да не дозволи „кикс“ како оној на реваншот против Спачва.

„Со еден збор – клучен ќе биде нашиот однос во играта. Ако бидеме на ниво, ако сме фокусирани, тогаш ќе немаме проблем. Не смееме да си дозволиме нешто како што тоа се случи на дуелот во Хрватска, кога наместо да го скршиме отпорот на противникот во финишот ние претрпевме пораз, и тоа благодарение на клучен период во кој противникот имаше двајца ракометари помалку на теренот. Сите заедно ќе работиме во наредниот период за тие проблеми да бидат отстранети“, порача Кастратовиќ.

Се вчитува...