Кастратовиќ: Металург е клуб со реноме, може да игра на повисоко ниво

Зоран Кастратовиќ е стратегот што ќе се обиде да го „разбуди“ Металург и да го вмеша поранешниот првак во трката за висок пласман. „Металурзите“ беа во потрага по нов тренер по заминувањето на Стојановиќ, во меѓувреме контактираа со неколку стратези, за на крајот да го изберат поранешниот кормилар на Вардар.

„Првичен контакт имаше уште пред петнаесетина дена, но вчера седнавме на маса со претседателката Зорица Блажевска и експресно се договоривме. Амбициите на клубот се поклопуваат со моите, наш заеднички став со управата е дека Металург може да игра подобро од она што го покажа досега сезонава. Во следниот период ќе работиме напорно и верувам дека ќе имаме успешни резултати. Го гледав последниот дуел со Струга и можам да кажам дека односот на играчите на теренот беше под нивото што е неопходно за клуб со реноме како Металург. Тоа е она што дефинитивно ќе го подобриме, а низ напорна работа очекувам да го кренеме и нивото на игра, со тоа да дојдат и резултати“ – истакнува Кастратовиќ за ЕКИПА.

Тој најави дека поранешниот претставник во ЛШ најверојатно нема да се засили со нови ракометари во блиска иднина.

„Реално гледано, на овој млад тим му требаат адекватни засилувања. Сепак, ова е период во кој е тешко да се договори квалитетен ракометар да дојде бидејќи сите веќе имаат клубови. Затоа ќе се насочиме кон работа со овие ракометари што ги имаме на располагање, да го извлечеме максимумот од нив“ – порачува Кастратовиќ.

Металург на денешната ждрепка за ривал го доби Горење Велење од Словенија, екипа што според новиот тренер може да биде елиминирана.

„Генерално гледано можеме да бидеме задоволни со оглед на листата на екипи што можевме да ги добиеме од групата на неносители. Горење е подмладена екипа што во своите редови има неколку поискусни ракометари, во преден план тука е Миклавчиќ. Тоа е ривал за респект, но истовремено и екипа што ако бидеме компактни и ако одиграме на високо ниво можеме да ја елиминираме и да се пласираме во групната фаза од Купот на ЕХФ“ – изјави Зоран Кастратовиќ.

Се вчитува...