Кастратовиќ: Металург ќе има што да каже во Лигата на Европа

Самиот пласман во групната фаза од Лигата на Европа е успех за Металург, но во редовите на поранешниот македонски првак се максимално мотивирани во пресметките од групата А да прикажат уште подобри игри и да се борат за едно од првите четири места кои водат во следната фаза.

„Металурзите“ за ривали на денешната ждрепка ги добија Адемар Леон, Висла Плоцк, Чеховски Медведи, Тулуз и Фиверс, а тренерот Зоран Кастратовиќ најавува дека неговиот тим е подготвен за битка против сите ривали.

„Генерално, во оваа фаза од натпреварувањето нема слаби екипи и не очекуваат тешки натпревари. Дури четири од шесте екипи во групата, вклучувајќи го и Металург, имаат солидно искуство од настапи во Лигата на шампионите, а на некои од нив веројатно и сега им е местото таму. Сепак, сметам дека имаме противници со кои ќе можеме да се натпреваруваме и ќе имаме што да кажеме на тие средби. Многу е важно сега да го искористиме времето и да ја подигнеме формата. Мислам дека ќе успееме во тоа и ќе се претставиме во многу подобро издание од досегашното“, изјави тренерот на Металург за клупската веб-страница.

„Металурзите“ во првото коло од новата европска сезона ќе му гостуваат на Тулуз, меч закажан за 20 октомври.

Се вчитува...