Кастратовиќ: Металург може подобро, но сите мора да дадат придонес

Металург во меч со бројни осцилации стигна до предност од два гола разлика на првиот меч со Криенс, но тренерот Зоран Кастратовиќ е оптимист дека оваа позитива ќе биде доволна за македонскиот претставник да се пласира во групната фаза од Лигата на Европа. Сепак, за тоа да се случи неопходно ќе биде на реваншот за седум дена сите ракометари да дадат свој придонес за што подобар резултат, откако дел од нив разочараа на денешната средба.

„Она од што сум задоволен е нашата одбрана 6-0 со која им создадовме многу проблеми. Игравме особено добро во првите дваесетина минути, но загубивме здив поради нивното инсистирање на брза игра, па паднавме во финишот од полувремето. Одбраната беше тоа што ни ја донесе победата, додека во нападот не можам да бидам задоволен, од десен бек имавме слаба реализација, додека од лев бек речиси и да немавме никаков ефект. Јас верувам во мојот тим, знам дека Металург може да игра многу подобро, но сите ќе мора да дадат свој придонес. Ништо не е променето, и претходно знаевме дека патникот во групната фаза ќе се решава во Швајцарија, јасно ни е што треба да поправиме за да бидиме „вистински“ на тој реванш. Ако бидеме на висина на задачата, ако сите дадеме свој придонес, верувам дека ќе ја оствариме целта“, истакна Кастратовиќ по натпреварот.

Реваншот меѓу Криенс и Металург ќе се игра следниот вторник во Цирих.

Се вчитува...