КАТАПУЛТ: Вардар, Столе и мангупите не го заслужија ова!

Катапулт

Катерина Павлова Николовска

„Ова ќе биде можеби еден од последните наши натпревари, да победиме па потоа да се помачиме уште малку“

Оваа реченица најдобро отсликува во каква ситуација се играчите на Вардар. И не во пресрет на натпреварот против Мотор, туку најмалку две сезони.

„Ние сме европски шампиони, а односот кон нас е смешен“

Уште една реченица на капитенот на европскиот првак која многу пластично кажува што се случува во „црвено-црните“ редови.

Знаете што им правите на играчите. Ги срамите. И нема други виновници освен тие што не ги обезбедиле парите.

Во едни други времиња Вардар беше функционален, сега во овие „другиве“ времиња тешко оди. Ако легитимно поседувате клуб за кој имате обезбедно финансиска конструкција, ако имате способно раководство кое обезбедило спонзори за клубот не само да живее туку и да расте, што е важно кои времиња се во државата. Веројатно го немате тоа. Која е причината за добрите и за лошите времиња во клубот. Ништо друго не е сменето освен политичката ситуација во државата.

И минатата сезона ве испраа добрите резултати. Играчите тоа ги мотивираше да останат. Имаа за што да се борат. Ф4 им беше реалност, титулата беше бајка која стана вистина. Инаку да тргнеа резултатите низбрдо, уште минатата сеозна ќе почнеше распадов.  Дури и мислам дека и многу ви дадоа време играчите. Ова е и преголемо трпение. И да, ќе си одат и Криштопанс и Атман и дури можеби и жилавиот Скубе и упорниот Чупиќ.

На крајот, зошто па да бидат и лојални. Дале се за клубот, добиле ништо, нула и уште јавно понижување. Цел свет ги разбра дека немаат плати со години. Мораат да раскажуваат по интервјуа и по прес конфернеции разни глупости, да објаснуваат со колку пари и како се живеело во Скопје. Во Македонија луѓето прават невозможни работи и живеат со малку пари. Ама па тоа што има врска со ракометни професионалци кои дошле за плата со легитимни договори.

Преземете одговорност! Клубот не е играчка. За градската гордост зборуваме, во два спорта. За животи и за судбини! Или повлечете се. Трето нема, се поинаку е агонија, за сите.

 

 

 

Се вчитува...