Катарците извисија: Британецот Ретклиф ќе стане нов газда на Манчестер јунајтед

Манчестер Јунајтед би требало да добие нов главен сопственик во наредните неколку месеци, но тоа нема да биде катарското семејство предводено од Шеикот Јасим Бин Хаман ал Тани. Според денешните информации во британската јавност, Сер Џим Ретклиф испратил попримамлива понуда за семејството Глејзер, кое во наредните денови би требало да седне на маса со британскиот милијардер и да ги финализира преговорите околу купопродажба на контролен пакет на акции во најтрофејниот англиски клуб.

Пресудно се покажало инсистирањето на катарските милијардери да ги купат сите акции што ги поседува семејството Глејзер. Последната понуда на Ал Тани изнесувала пет милијарди фунти, додека Сер Џим Ретклиф понудил помалку пари, но и во својата визија за клубот оставил простор Глејзер да остане како малцински сопственик.

Американците веруваат дека со тој потег ќе успеат да внесат и дополнителен капитал преку инвестициски фондови од САД, поради што му даваат предност на Ретклиф во оваа трка, која се очекува да заврши во текот на летото.

Целиот процес будно го следи и Ерик тен Хаг, кому Глејзери јасно му ставија до знаење да не се надева на богат буџет за засилувања во период кога клубот се наоѓа пред купопродажба. Новиот сопственик сигурно ќе настојува со звучни засилувања да ги придобие навивачите, па Тен Хаг се надева дека целиот процес ќе заврши што поскоро, за холандскиот стратег да може да ги доведе посакуваните играчи на „Олд Трафорд“.

Се вчитува...