Кавтичник се повреди и го пропушта дуелот со Македонија?

Завршната фаза од подготовките пред ЕП во Хрватска, почна лошо за репрезентацијата на Словенија. По повредата на пикерот Матеј Габер кој го пропушта настапот на ЕП, нови главоболки за селекторот Веселин Вујовиќ донесе денешниот тренинг на кој се повреди и капитенот Вит Кавтичник.

Десниот бек на Монпелје на тренингот незгодно ја повреди раката, доби расекотина меѓу прстите и заврши со пет конци. Според информациите што ги пренесуваат словенечките медиуми, со оваа повреда Кавтичник би морал да мирува најмалку десет дена. Тоа значи дека словенечкиот капитен ќе го пропушти дуелот со Македонија на 13 јануари, прв во прелиминарната групна фаза на ЕП во Хрватска.

Кавтичник се уште нема одиграно ниеден натпревар за Словенија по ланскиот настап на СП  во Франција на кое во мечот за брознениот медал ги повреди предните вкрстени лигаменти и имаше подолга пауза од ракометните терени.

За потсетување, Вујовиќ веќе има дефицит на десната бековска позиција бидејќи повреден е и Јуре Доленец кој имаше операција на менискусот и чека дозвола од Барселона за настап на ЕП, а се уште вон строј е и левиот бек Ник Хенигман.

Проблеми има и Дарко Цингесар, но неговиот настап на ЕП не е доведен во прашање. На контролниот натпревар против Иран на кој Словенија победи со 31-19, Цингесар по еден продор меѓу одбраната на Иран доби незгоден удар и има болки во грбот. Според официјалните информации од Словенечката ракометна федерација, Цингесар е на физиотерапевтски третман, но неговата повреда не е толку сериозна.

фото: Ekipa24.si

Се вчитува...