Казахстанците дискутираат дали во иднина да играат под капата на УЕФА: Преку Азија е полесно да стигнеме до СП, но….!

Непосредно пред утрешниот натпревар со Македонија во квалификациите за пласман на СП 2026, во фудбалската јавност во Казахстан пред се актуелна е темата дали нивната репрезентација во иднина треба да се приклучи на Азијската фудбалска асоцијација и преку нејзините натпреварувања да го бара патот до Светско првенство.

Казахстан е најоддалечената земја, длабоко на континентот Азија, а која е членка на УЕФА. Сето тоа сега е актуелизирано пред се по пласманот на Узбекистан на СП 2026 преку квалификацискиот систем во Азија. Казахстанците сметаат дека тие имаат подобра селекција од соседот Узбекистан, а се свесни дека тешко ќе играат на СП.

И селекторот на Казахстан, Али Алиев, го коментираше сето тоа на прес-конференцијата во очекување на средбата со Македонија.

„Апсолутно се согласувам дека и тоа како е важно да одиме на Светско првенство. Не зборувам за тоа дали треба да бидеме во Азија или во УЕФА – нека одлучат лидерите. Ние сме одговорни за спортскиот блок. Имаме менаџмент – тој одлучува каде ќе бидеме – во Азиската федерација или во УЕФА. Но, членството во УЕФА или во АФК се гледа и преку некои други аспекти. Казахстанскиот фудбал добива одредени пари од УЕФА веќе долги години. Тоа е, УЕФА издвојува пари. Азијската федерација (АФК) никогаш нема да издвои толкави средства за развој на фудбалот во земјата. Разбирате ли за што зборувам? Мојата желба е нашата земја да има повеќе финансии за инвестиции во фудбалот. Затоа, дури и многу клубови добиваат солидарни уплати од УЕФА. Клубовите добиваат пари со тоа што ќе победат некого, поминувајќи низ одредени фази. Сами пресметувате: кога Астана ќе стигне до групната фаза, добива многу пари, што нема да ги најдете во Азиската федерација. И дали треба да бидеме во Азиската федерација или во УЕФА зависи од раководството. Зборувам само од спортска перспектива. Нема да можеме да го видиме Мбапе, кој дојде со француската репрезентација, на „Астана Арена“. Многу наши навивачи гледаат голем број европски ѕвезди кај нас – стадионите се полни. Ете сега ги чекаме и Лукаку, Доку, Де Брујне да дојдат кај нас со белгиската репрезентација. Затоа, верувам дека за една земја да игра под капата на УЕФА вреди многу. Мора да ги гледаме и тие аспекти, тоа е сè“ – рече Алиев.

Се вчитува...