Кејн го избрал новиот клуб, Солскјер ќе биде разочаран

Хари Кејн е решен да си замине од Тотенхем, „Скај Спортс“ вчера објави дека англискиот репрезентативец веќе го известил претседателот Даниел Леви за својата одлука, а тешко е за верување дека „спарси“ ќе можат повторно да го премислат својот најдобар играч, кому неколку пати му ветуваа дека ќе биде составен тим за борба за највисок пласман, но не го исполнија дадениот збор.

Оле Гунар Солскјер неколку пати покажуваше интерес за Кејн во изминатите две години, но стратегот на Манчестер Јунајтед ќе остане разочаран по изборот на голгетерот – кариерата да ја продолжи во Манчестер Сити. Причината е јасна – Кејн сака што поскоро да почне да освојува трофеи, а најдобро место за такво нешто му е клубот што во изминатата деценија доминира на англиската фудбалска сцена. Воедно, англискиот голгетер има високо мислење за Пеп Гвардиола и не сака да ја пропушти можноста да соработува со овој стручњак, кој инсистира на офанзивен фудбал.

Манчестер Сити летово ќе остане без Агуеро, а „граѓаните“ би завршиле фантастична работа доколку како замена за најдобриот стрелец во клупската историја би го донеле најдобриот англиски напаѓач во моментов. Тотенхем го има проценето Кејн на 150 милиони фунти, а „граѓаните“ во минатото покажале дека немаат проблем да издвојат и повисоки суми само за да ги исполнат желбите на Гвардиола.

Се вчитува...