Кевин Дурант го замолкна Кливленд, „воините“ на чекор до титулата

Кошаркарите на Голден Стејт дојдоа на чекор до шампионската титула во НБА лигата, откако синоќа на гостински терен го победија Кливленд со 110-102 и поведоа со 3-0.

„Воините“ до третата победа во финалната серија го предводеше Кевин Дурант кој не му остави простор на домашниот тим за враќање во серијата по двата стартни порази на гостински терен.

Кливленд добро го отвори мечот и рано поведе со 12 поени разлика. Сепак, Голден Стејт, успеа да се врати во ритам и да ја анулира предноста на домаќините. Кавалирс повторно се заканија во втората четвртина кога дојдоа на 13 поени прдност (50-37), но како што одминуваше натпреварот, така се топеше и водството на Кливленд.

На полувремето домаќините имаа предност од 58-52, а потоа Голден Стејт целосно ја презеде контролата на играта и на резултатот. Во последните неколку минути резултатот беше изедначен (96-96). И тогаш на сцена стапи Кевин Дурант и погодуваше се што ќе упатеше кон противничкиот кош, обезбедувајќи ја победата на свјот тим.

Дурант заврши со 43 поени и 13 скока. Од игра имаше неверојатни 15 од 23, а за три поени шутираше шест од девет. Зад него остана Стеф Кери со 11 поени, но и со очајна реализација за три поени (1/10). Во редовите на Кливленд, вообичаено најефикасен беше Леброн Џејмс со 33 поени, 11 асистенции и 10 скока.

Се вчитува...