Киелце пак „преживеа“, прашањето е до кога…

Полскиот првак Киелце ќе продолжи да се натпреварува во најсилен состав до крајот на оваа сезона, откако клубот предводен од Бертус Сервас на вечерашниот состанок постигнал договор за задржување на сите ракометари кои се дел од играчкиот кадар под водство на тренерот Талант Душебајев. Иако фановите имаат причина за задоволство, финансиските проблеми на Киелце остануваат значителни, па клубот најавуваат дека лесно може да се случи ростерот да биде значително ослабен почнувајќи од наредната сезона.

Киелце пред неколку години се соочи со идентична криза, која се реши со наоѓање на нов генерален спонзор. Пред неколку месеци полскиот ракометен гигант повторно остана без главниот спонзор, по што Сервас гласно бараше помош од градот и од моќните компании во Полска за да не се дозволи згаснување. Тренерот Душебајев заедно со синовите Алекс и Дани веќе добија богата понуда од Пик Сегед, Барселона испрати понуда до Каралек, а блиску до заминување беа и Французите Ремили и Турна.

Иако постоеше опасност денешниот состанок да резултира со одлука за распуштање на клучните ракометари, тоа не се случи. Сепак, челниците на Киелце најавија нов состанок до крајот на месец март, за кога „ќе се донесе одлука околу можниот изглед на тимот и амбициите, во зависност од финансиите“.

Киелце ја преживеа и оваа најнова бура, но очигледно ќе биде исклучително тешко да се одржи високиот буџет и за наредната сезона.

Се вчитува...