Кире Лазаров има германски сметки за наплата

ЕКИПА на ЕП во Хрватска,

Билјана Б. Петрушева, Стеван Цаневски, Игор Паневски

Германија е незгоден ривал против кого секогаш имаме огромни проблеми, на досегашните четири средби на големите натпреварувања имаме исто толку порази, од оние 25-36 во Египет до последните 28-23 во осминафиналето од СП 2013 во Шпанија.

Единствениот во македонската репрезентација што бил дел од „црвено-жолтите“ на досегашните четири средби е капитенот Кире Лазаров, кој има многу германски сметки за наплата. Иако на мундијалот во Египет собираше искуство, Лазаров не ги памети по добро пресметките со Германците, особено оној дуел од Вараждин во 2009 година кога нашиот ас загуби нерви по еден брутален старт, па заработи црвен картон.

Следеше пресметката во Ниш, дуел на кој бевме најблизу до позитивен резултат, загубивме минимално, а Лазаров со последниот шут ја затресе гредата. Последен пат силите со денешниот ривал ги одмеривме на СП во Шпанија, каде во Барселона претрпевме пораз од 28-23, дуел на кој Лазаров постигна осум погодоци.

Капитенот е роден победник, и јасно е дека најмногу од сите посакува прекин на оваа непријатна традиција.

„Точно е, имаме негативна традиција со Германците, на моменти и среќата ни го вртеше грбот. Сепак, ова е поинаква репрезентација на Македонија, играме добро, зошто да не направиме почеток на една нова, позитивна традиција во дуелите со големиот противник“ – истакнува Кире Лазаров.

Се вчитува...