Кире Лазаров: Можевме да бидеме егал и да загубиме, утре е ’финалето’ со Исланд

ЕКИПА во Минхен,

Стеван Цаневски

Ракометната репрезентација на Македонија во очајно второ полувреме загуби од Шпанија со 32-21, иако по 30 минути имаше само еден гол негатива. Селекторот Раул Гонзалес реши да ги одмори најквалитетните ракометари, а младите не умееја да и се спротивстават на „црвената фурија“.

Кире Лазаров вели дека националниот тим беше расположен за игра во првиот дел, но и да беше егал до 59.минута, на крајот сепак можеше да загуби од европскиот шампион.

„Имавме одлично прво полувреме, бевме расположени. Потоа следеа промени, и на крајот пораз. Можевме да бидеме егал со Шпанија и до 59.минута, и потоа повторно да загубиме. Ќе бидеме посвежи утре. За нас утре е ’финале’ на Мундијалот, на мечот против Исланд. Се надеваме на најдобро“, изјави Кире Лазаров по поразот од Шпанија.

Се вчитува...