Кјелце прави дрим-тим: Од Душебајев, преку Циндриќ до Андреас Волф

Кјелце пред две години приреди сензација триумфирајќи на Ф4 турнирот во Келн, но откако полскиот првак лани не ни стигна до фајналфор турнирот раководството на клубот се реши за уште посериозни инвестиции во играчкиот кадар.

Челниците на клубот денеска на прес-конференција ја обелоденија својата визија за иднината на клубот, потенцирајќи дека се осигурани сериозни спонзори најмалку до 2023 година, за овој тим да биде меѓу водечките во ракометна Европа.

Талант Душебајев летово го доведе својот син Алекс од редовите на Вардар, а за следното лето веќе е договорен уште еден трансфер од редовите на „црвено-црните“, Лука Циндриќ ќе се пресели во Полска. На денешната прес-конференција беше обелоденето дека Талант Душебајев потпишал нов долгогодишен договор со клубот, а воедно за следното лето покрај Циндриќ се договорени уште неколку квалитетни засилувањa, белорускиот пивот Артсем Каралек од францускиот Сан Рафаел, голманот Владимир Цупара од Адемар Леон, потоа шпанското репрезентативно лево крило Анхел Перез Фернандез кој доаѓа од Ла Риоха, како и најталентираниот полски ракометар, Аркадиуш Морито од Заглебје.

Сепак, „бомбата“ ќе биде детонирана во 2019 година, кога нов член на Кјелце ќе стане Андреас Волф. Фантастичниот голман веќе извесно време беше поврзуван со заминување од Кил, во игра беше и Веспрем, но Волф денеска и официјално потпиша четиригодишен договор со Кјелце. Иако се шпекулира со различни бројки, полскиот гигант нема да плати ништо за негова отштета, бидејќи Волф ќе пристигне како слободен играч, по истекот на неговиот договор со германскиот клуб.

Се вчитува...