КК Скопје се врати од минус 17 во последната четвртина, но немаше сили за целосен пресврт

Во првиот натпревар од второто коло во Суперлигата, кошаркарите на ТФТ за малку ќе прокоцкаа предност од 17 поени во последната четвртина, но го совладаа Скопје со 102-98 и го запишаа првиот триумф во новата сезона. КК Скопје ќе почека за прво славје сезонава бидејќи на стартот загуби од Кожув со 95:101.

Овој триумф воедно претставува реванш на ТФТ за ланската елиминација во полуфиналето од плејофот кога Скопје (тогаш Маџари) ја доби серијата и се пласира во големото финале.

Кошаркарите на ТФТ триумфот фуриозно го започнаа натпреварот, првата четвртина ја добија со убедливи 30:18.

Втората и третата четвртина завршија со речиси идентичен резултат, 22:23 беше во втората, а 22:22 во третата четвртина.

Во одлучувачките десет минути, влезе со предност од 74:63 и со тројките на Цветковски и Митревски замина на плус 17. Но. кошаркарите на Скопје не се предадоа, полека ја намалуваа предноста и на точно четири минути до крајот по трите слободни фрлања на Џексон, дојдоа до минус седум (88:81).

Луис ги реализира двете слободни фрлања за 90:81, а потоа погоди и за 92:83 на 140 секунди до крајот. Гостите и тогаш не кренаа бело знаме, направија серија од 0:7 и по тројката на Џонс на 67 секунди до крајот дојдоа до минус два (92:90).

Во одлучувачките моменти, лидер на ТФТ беше Сила кој со мини серија од шест поени донесе предност од 98:92. Џонс на 20 секунди до крајот возврати со тројка за 98:95, но точка на натпреварот стави Вајт со двете слободни фрлања за 100:95.

На пет секунди до крајот Џонс даде нова тројка и намали на 100:98. Точка на натпреварот стави Сила кој ги реализира двете слободни фрлања за конечни 102:98.

Цветковски со 24 поени и Сила со 23 поени и 15 скока беа најзабележителни кај ТФТ, додека во редовите на Скопје, Колин Паркер имаше дабл-дабл од 31 поен и 12 скока.

Се вчитува...