КЛ7 организира силен меѓународен турнир за млади категории

Ракометниот клуб КЛ7 од 24. до 26. јануари 2020 година ќе биде организатор и домаќин на меѓународен ракометен турнир за млади категории „КЛ7 2020″. На истиот ќе учествуваат осум екипи, меѓу кои домашните Вардар, Металург и Еурофарм Пелистер, како и вицешампионот на Унгарија, ПИК Сегед,  кој долги години е дел од престижната ЕХФ Лига на шампиони. Екипите ќе бидат поделени во две категории и тоа 2002 и помлади и 2004 и помлади.

Во првата категорија (2002 и помали) ќе се натпреваруваат:
– РК КЛ7,
– ПИК Сегед (Унгарија),
– РК Еурофарм Пелистер,
– РК Металург.

Во втората категорија (2004 и помали) ќе се натпреваруваат:
– РаК КЛ7,
– ПИК Сегед (Унгарија),
– РК Металург,
– РК Вардар.

Распоредот предвидува систем на натпреварување во кој би играле секој со секого во двете возрасни категории. Со учеството на турнирот на унгарски ПИК Сегед и официјално стартува соработката меѓу КЛ7 и еден од најдобрите европски ракометни колективи кој е формиран во далечната 1961 година. Истата ќе се состои и во размена на гостувања, едукација на тренери, учество на кампови и слично со една цел напредување и усовршување на младите ракометари на патот кон создавањето на врвни играчи.

Стартот на турнирот е закажан за петок (24. јануари) во 16 часот, а официјално за отворен ќе го прогласи најдобриот македонски ракометар, Кирил Лазаров.

Се вчитува...