Кливленд фаќа ритам, 47 поени на Ирвинг за 16-та едноподруго победа на Бостон

Кошаркарите на Кливленд по лошиот старт на сезоната врзаа пет едноподруго победи во НБА лигата. Последна „жртва“ на Леброн Џејмс и компанија беше Детроит против кого лесно славеа на гости со 116-88.

Неизвесно беше само во првата четвртина, а потоа комплетна доминација на Кливленд на паркетот предводени од Леброн и Кевин Лав. Токму Лав беше најефикасен во победата со 19 поени, дополнети и со 11 скока, а Леброн го заврши мечот со 18 постигнати поени.

И Филаделфија стигна до лесна победа над Јута со 107-86. Одлична партија во победничкиот тим имаше Бен Симонс со 27 поени, 10 скока и четири украдени топки, а Џеј-џеј Редик дополни со 20 поени. Кај Јута најрасположен беше Донован Мичел со 17 постигнати поени.

Индијана стигна до четвртата едноподруго победа совладувајќи го Орландо на гостински терен со 105-97.

Во неизвесен меч, со многу пресврти во резултатот, кај Индијана брилјираше Виктор Оладипо со 29 поени, 9 скока и 5 асистенции. Одлична партија пружи и Бојан Богдановиќ постигнувајќи 26 поени, дополнети и со 7 скока. Кај Орландо одличен беше Црногорецот Никола Вучевиќ со „дабл-дабл“ ефект од 25 поени и 13 скока.

Денвер славеше на гостувањето против Сакраменто со 114-98. Најефикасен кај Денвер беше Вил Бартон со 25 поени, а пет помалку постигна Гери Херис. Никола Јокиќ имаше „дабл-дабл“ од 16 поени и 14 скока.

Бостон, пак, победи со Далас на тој начин стигнувајќи и до 16-та едноподруго победа. Селтикси по продолжение славеа со 110-102.

Бостон до триумфот беше предводен од Кајри Ирвинг кој заврши со неверојатни 47 поени, плус и со 6 асистенции. Одличен беше Браун со 22 поени и 9 скока, а Татум мечот го заврши со 15 поени и 9 скока. Кај Далас најефикасен беше Харисон Барнс со 31 поен.

Сан Антонио на свој паркет славеше против Атланта со 96-85.

Се вчитува...