Во таборот на Ливерпул се уште владее шок по одлуката на Јирген Клоп на крајот од сезонава да си замине од клубот. „Црвените“ веќе ја почнаа потрагата по нов тренер, но меѓу навивачите постои страв дека и дел од клучните играчи би можеле да си заминат, особено ако се знае дека Мохамед Салах, Вирџил ван Дајк и Трент Александер Арнолд имаат само по 18 месеци од актуелните договори со Ливерпул.
Згора на тоа, Ван Дајк во вчерашното интервју за „Тајмс“ не сакаше да гарантира дека ќе потпише нов договор со клубот, најавувајќи дека сака прво да види во кој правец ќе се движи Ливерпул во наредниот период. Сепак, Клоп е убеден дека неговото заминување од кормилото нема да значи и егзодус на клучните играчи од „Енфилд роуд“.
„Клубот е стабилен, се ево најдобар ред, верувајте. Не треба да се грижите, нема да дојде до заминувања како што се најавува. Секако, постои шок од случувањата и затоа е нормално да има и неизвесност во одредени моменти. Сепак, се ќе биде во најдобар ред. Не заборавајте го најважното овие момци најмногу од се сакаат да играат за Ливерпул“, изјави Клоп.
„Црвените“ утре го пречекуваат Челси во дербито на колото во Премиер-лигата, по што ќе следи гостување против Арсенал, два меча кои се од огромно значење во трката за шампионската титула.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА