Клуч на успехот: Како да се запре Арон Палмарсон?

ЕКИПА во Минхен,

Стеван Цаневски

Исланд пред самиот почеток на СП 2019 остана без помошта на легендарниот Гудјон Валур Сигурдсон, оставајќи го Арон Палмарсон како единствена суперѕвезда во таборот на оваа репрезентација. Не е никаква тајна дека многу работи на денешниот натпревар ќе зависат токму од изданието на асот на Барселона, кому не смее да му се дозволи да влезе во ритам ако се сака да се стигне до позитивен резултат на клучната пресметка со Исланѓаните.

Бекот што игра извонредно во дресот на каталонскиот гигант во голем стил го стартуваше и овој Мундијал, со седум погодоци против Хрватска и пет гола на дуелот со Шпанија. На последните две средби Палмарсон постигна вкупно пет погодоци (три со Бахреин, два со Јапонија), но мора да се истакне дека селекторот Гудмундсон на овие натпревари ја намали неговата минутажа за да ги сочува силите токму за дуелот со Македонија.

Севкупно гледано на ова СП, зад името на Арон Палмарсон се запишани 17 гола, исто колку и Сагосен и Ремили, тој има и 14 асистенции со кои се наоѓа на делба на шестото место на најдобри асистенти (шест додавања помалку од лидерот Кире Лазаров).

Подеднакво опасен и како среден и лев бек, Палмарсон ќе биде диригент на нападите на Исланд и на денешниот натпревар. Со моќен шут од место, сличен на оној со кој Дувњак ни создаваше проблеми против Хрватска, но и со фантастичен преглед на играта, тој ќе биде главниот адут на селекторот Гудмундсон, воедно и главна главоболка за нашиот кормилар Раул Гонзалес.

„Ел Команданте“ ќе треба да реши дали да се обиде да го неутрализира со 5-1 зона со која би му го ограничил просторот за маневар, или пак ќе се обиде со стандардната 6-0 да ги затвориме приодите кон сопствениот гол. Како и да е, со исфрлање на Палмарсон од ритам би завршиле голем дел од работата во играта во одбрана на овој важен натпревар. А кога станува збор за нападот… се што треба да се направи е зицерите да се претвораат во голови, што на зборови делува лесно, но на терен воопшто не беше така на последните две средби.

Се вчитува...