Кошаркарите на МЗТ Скопје утре со почеток во 18 часот ќе го пречекаат Сплит, во обид да ја продолжат победничката серија на домашен терен во АБА2 лигата. Во ситуација кога претрпеа порази на првите две гостувања од регионалното натпреварување, на „металците“ им е јасно дека мораат да го задржат перфектниот скор кога играат на домашен терен за да одржат чекор со водечките на табелата.
„Екипата на Сплит има одличен ростер на кошаркари кои играат квалитетно сезонава. Очекувам голем борба, ако влеземе во пресметката максимално мотивирани и храбри, верувам дека ќе можеме да дојдеме до триумф. За да го оствариме тоа ќе мора да ја подигнеме одбраната на ниво на првите три средби од АБА2 лигата“ – изјави тренерот Ѓорѓи Кочов.
Според плејмејкерот Лестер Медфорд клучно ќе биде МЗТ да биде тимот што ќе го диктира ритамот на утрешниот натпревар.
„Како и на секој меч, така и утре против Сплит наша примарна цел е да победиме. Против себе имаме силен противник во кој настапуваат многу искусни поединци. Не смееме да им дозволиме да го наметнат својот ритам, туку треба да бидеме агресивни од првиот момент. Ако ги исполниме дадените задачи од тренерот, убеден сум дека ќе дојдеме до двата бода“ – изјави Американецот во таборот на „сино-белите“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА