Конте: Фабрегас е генијалец со топката, исто како Пирло

Италијанскиот стратег Антонио Конте на маестрален начин го предводи Челси оваа сезона и е на прагот да ја освои шампионската титула во Премиер – лига во дебитанската година во Англија. Тој уште еднаш покажа дека знае фантастично да го мотивира секој фудбалер, истакнувајќи во медиумите на Островот дека Цеск Фабрегас е генијалец со топката, споредувајќи го со легендарниот Италијанец Андреа Пирло.

„Цеск е генијалец со топката. Тој ме потсеќа на Пирло. Можеби не може да истрча 100 метри за десет секунди, но затоа знае волшебни работи со топката. Токму и затоа со него работам на посебен начин. Не барам да биде тркач, туку со својата визија да ја диригира играта кога е на теренот“, изјави Конте.

Фабрегас и не е стандарден првотимец во Челси оваа сезона, но Италијанецот и за ова има одговор.

„Во тимот мора да има одреден баланс. Фабрегас добива шанса, но исто така и знае дека на неговата позиција во Челси ги имаме и Н’Голо Канте и Немања Матиќ. Тие се фудбалери од поинаков профил, кои се исто така многу потребни во модерниот фудбал. Да ја обезбедат одбраната, да ги собираат отпадоците. Но, Цеск мене ме восхитува со својата фудбалска умешност“, потенцира Антонио Конте.

Челси во моментот има десет бода предност во однос на Тотенхем и на Арсенал.

Се вчитува...