Корона-хаос: Уште еден врвен тенисер мораше да се откаже од Вимблдон

Коронавирусот почна да создава сериозни проблеми на самиот старт на Вимблдон, откако денеска Матео Беретини објави дека е позитивен на Covid-19 и нема да може да настапи на третиот гранслем турнир за оваа година.

Италијанецот се наоѓаше во одлична форма, го освои трофејот во Квинс и беше трет фаворит за пехарот на Вимблдон (зад Ѓоковиќ и Надал), но резултатите од тестирањето го оставија без шанса да го нападне својот прв гранслем пехар во кариерата.

Со огромно жалење морам да објавам дека го прекинувам настапот на Вимблдон бидејќи сум позитивен на Covid-19. Немам зборови за да го опишам разочарувањето што го чувствувам. Сонот за оваа година предвреме заврши, но ќе се вратам уште посилен во 2023“, објави Матео Беретини.

На негово место шанса за настап од првото коло ќе добие „лаки лузерот“ Елијас Имер, кој денеска ќе излезе на терен против Кристијан Гарин.

Беретини е вториот врвен тенисер што во рок од два дена поради коронавирус се откажува од Вимблдон, откако вчера истото беше случај и со Хрватот Марин Чилиќ.

Се вчитува...