Кошмарни „седум на шест“ со Русија, краток блесок, па „минус три“ на полувреме

ЕКИПА во Келн,

Стеван Цаневски

Македонија ќе брка негатива од три гола во второто полувреме против Русија, откако нашите ракометари во полувреме со огромни осцилации имаат 14-17 на првиот меч од „Президент купот“ во Келн. Тактиката „седум на шест“ се покажа како огромно промашување, Македонија успеа да се врати играјќи „шест на шест“, но сепак рускиот состав замина на одмор со предност од три гола, иако „зборнаја“ пред крајот на полувремето имаше и „плус пет“.

Никола Митревски застана на голот од почетокот на овој натпревар и веќе во третата минута одбрани зицер на руските ракометари, при резултат 1-1. Кире Лазаров постигна два гола во првите пет минути, а потоа имаше и одличен потег во одбраната, со скок од шест метри спречувајќи гол. Гоце Георгиевски погоди за водство од 4-2, но следеше експресен одговор на „зборнаја“, три гола за две минути и прво водство на рускиот состав (4-5). Филип Лазаров им даде две топки в раце на противничките ракометари, Русија поведе со 4-7, по што Раул го повлече искусниот бек од игра.

Кризата продолжи, во следниот напад Дибиров пресече додавање на Кире Лазаров и лесно реализираше, а по уште неуспешна акција и контранапад за 4-8 за Русија, селекторот Гонзалес побара минута одмор. Во нападот заигравме „6 на 6“, по што Лазаров погоди и ја прекина серијата на противникот. Македонија си ја врати самодовербата во играта, па Георгиевски по една украдена топка и рутинска реализација од крило намали на 7-8. Митревски одбрани уште еден удар, а Георгиевски стрелаше прецизно од контранапад, за израмнување на 8-8 и тајмаут на рускиот селектор Кокшаров.

Пивотот Калараш ни создаваше многу проблеми во одбраната, а во ритам влезе и голманот Киреев, кој му одбрани пенал на Лазаров при водство на Русија од 10-12. Крстевски влезе во игра на местото на Манасков, по што Кумановски се пресели на крилната позиција. Митревски одбрани зицер при 10-13, по што Лазаров од пенал. Завршните минути минаа во знакот на противничката селекција, која имаше и пет гола предност, за со головите на Крстевски и на Лазаров да намалиме на 14-17, благодарение и на одбранетиот зицер на Митревски пред самиот крај на полувремето.

Кире Лазаров со пет гола е прв стрелец на нашата репрезентација по 30 минути игра, Георгиевски постигна три, а Пешевски два погодоци во ова прво полувреме.

Се вчитува...