Кошмарно деби на Бајиќ: Потоп на кошаркарите во второто полувреме против Црна Гора

Кошаркарската репрезентација на Македонија претрпе убедлив пораз од 59-81 на првиот од двата контролни меча што „црвено-жолтите“ ќе ги играат против селекцијата на Црна Гора. Драган Бајиќ имаше катастрофално деби на македонската клупа, откако Црногорците во второто полувреме ја демолираа нашата селекција, а новиот селектор немаше идеја како да го запре налетот на противникот.

 Добро го отворивме овој контролен меч, поведовме со (12:6) за нецели пет минути од играта. Но Црногорците го свртија резултатот. Имаa своја серија (13:3) со која преминаа во водство (19:15), за првата четвртина да биде затворена со плус 6 за гостите (21:15). Во продолжението на средбата во „Јане Сандански“, селекцијата на Црна Гора го одржуваше водството, имаа вишок и од девет поени (30:21). Но со шест реализации по ред, односно мини серија од (6-0), се доближивме на (27:30), кога се играше 16.минута. По тројката на Трајковски бевме уште поблиску, само два чекори зад противникот, (34:36).

Во продолжението на натпреварот, гостинската селекција обезбеди уште повисока предност. Во 25.минута имаа (53:41), за тој период од играта тоа водство го зголемија и на повисоки (57:43). Ја поправивме ефикасноста во последната четвртина, но не успеавме да го „симнеме“ високата разлика која ја креираше Црна Гора во третиот, се покажа и одлучувачки период од првата „контрола“ во Скопје.

Двете селекции ќе одиграат уште еден контролен натпревар. На 4. август, исто така во СЦ „Јане Сандански“, со почеток од 19.часот.

МАКЕДОНИЈА – ЦРНА ГОРА     59:81 (15-21; 19-17; 9-19; 16-24)

МАКЕДОНИЈА: Крстевски 7, Ефремовски -, Трајковски 8, Стајиќ 0, Николов 8, Марковски 0, Робев 2, Магдевски 4, Мекиќ 12, Какруки 2, Зекири-, Андоноски 8, Миловановиќ -, Вајли 8, Симиќ 0;  

ЦРНА ГОРА: Дробњак 9, А. Поповиќ 4, Д. Николиќ 5, Радончиќ 10, Врбица 2, П. Ѓуришиќ 2, Тодоровиќ 6, Кљајиќ 0, Баровиќ -, З.Николиќ 8, Миковиќ -, П.Поповиќ 17, Н.Ѓуришиќ 4;

Се вчитува...