Косово се закани дека нема да игра со Шпанија во квалификациите за СП

Со огромни проблеми се соочува ФИФА откако крајно неизвесно е одржувањето на квалификацискиот дуел за пласман на СП 2022 во Катар, меѓу Шпанија и Косово, кој треба да се игра на 31. март во Севилја.

Шпанците не го признаваат Косово како држава, а во групата се селекциите од Грузија и од Грција, кои исто така не го признаваат Косово.

Шпанското министерство за надворешни работи соопшти дека гостите не смеат да имаат третман како суверена држава, организаторите не смеат на натпреварот да ја нарекуваат репрезентација на Косово, туку репрезентација на „територијата Косово“, а исто така на дуелот не смее да биде поставено знамето на земјата, и нема да се интонира химната како „национална химна на Косово“.

Но, од Фудбалската федерација на Косово не се согласуваат да играат во такви услови.

„Потегот на Шпанците е залуден и непотребен. Ние сме држава која е признаена од најразвиените и најдемократските земји во светот, и сме членки на УЕФА и ФИФА. Шпанците не смеат да го занемарат тоа и да ги занемарат кристално јасните правила на ФИФА. Ќе го играме натпреварот под нашето знаме и нашата химна. Во спротивно, нема да излеземе на терен“ – порачаа од Косово.

Се вчитува...