Костески: Свесни сме дека можеме и мораме да играме подобра одбрана на ЕП

Ненад Костески беше меѓу најефикасни во македонскиот табор на вчерашниот прв контролен дуел од двомечот со Грција, уште еднаш покажувајќи дека десното крило е подготвено да ја искористи секоја шанса што ќе ја добие, желен за докажување поради премалата минутажа добиена во својот клуб во првиот дел од оваа сезона.

Костески е задоволен од изданието на дуелот со Грцјиа, но истовремено е и свесен дека нивото на игра, пред се во одбраната, ќе мора уште повеќе да се крене до почетокот на ЕП 2024.

„Ова не беше нималку лесен натпревар, но со квалитетна игра успеавме да го добиеме. Во голем дел од првото полувреме тие имаа водство, но ние успеавме да се вратиме, да ја преземеме контролата над резултатот, да доминираме до крајот и да стигнеме до победата. На овој натпревар одигравме голем дел од работите што ги договаравме и што ги трениравме во изминатиот период и мислам дека сите сме задоволни. Секако, секогаш постои простор за напредок, свесни сме дека секако можеме да одиграме подобра одбрана. Можеме и мораме да играме многу поквалитетна одбрана од овој меч на претстојното ЕП, токму од цврста одбрана тргнува и нашето најквалитетно оружје, голови од контри и полуконтри“, изјави Ненад Костески.

Се вчитува...